На ден 20.02.2025 година, мрестилиштето „Шум“ во с. Шум, Струшко, кое работи во рамките на УКИМ Институт за сточарство и рибарство во Скопје, го посети директорот на Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ), Г-дин Васе Анакиев.
Целта на посетата беше да се види функционирањето на ова мрестилиште кое постои од 1953 година, како и завршувањето на вештачкиот мрест на охридската пастрмка за сезона 2025 год.
Директорот на инспекторатот беше запознат со начинот на одгледување на икрата и подмладокот на овој многу важен автохтон вид риба во Охридското Езеро, како и со одредени предизвици со кои се соочува Институтот за успешно одгледување на подмладокот се до моментот на негово пуштање во водите на Охридското Езеро.
До моментот на посетата, Институтот успеа да измрести 460.000 (четиристотини и шеесет илјади) зрна икра, со што засега успешно ги исполнува обврските од Договорот со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) за вештачки мрест за 2025 година.
Следува периодот на одгледување на подладокот за кој се надеваме дека ќе помине без поголеми проблеми.
За оваа година, МЗШВ додели 1.000.000 (еден милион) денари, финансиски средства за кои Институтот има обврска Охридското езеро да го пориби со вкупен број од 200.000 (двеста илјади) единки подмладок од охридската пастрмка.
Минатата 2024 година, Институтот беше единствена институција која го пориби Охридското Езеро со вкупна бројка од 200.000 (двесте илјади) единки, активност финансирана исто така до страна на МЗШВ.